Бабиќ: Рајн Некар е голем фаворит, но мене ме радува што ќе играме против лидерот во Бундеслигата

Ракометарите на Пелистер ги чека гостински натпревар против фаворитот во Лигата на Европа, Рајн Некар Левен. Тренерот на битолчани, Жељко Бабиќ вели дека се радува на мечот со Левен бидејќи на тимот му се потребни натпревари против силни противници.

„Бевме под корона во минатиот период, но мене не ме загрижува падот во вториот дел од натпреварот против Кадетен Шафхаузен. Тоа е нормално. Игравме добро во првиот дел, водевме, но потоа паднавме физички и не издржавме. Момците дадоа што имаа, но нетренирањето и коронавирусот оставија трага. Што се однесува до натпреварот во Германија, Рајн Некар Левен е фаворит, силна екипа и лидер во Бундеслигата. Но, јас се радувам на натпреварот, нам ни е страшно важно да играме, не треба да заборавиме дека сме потполно во контра ритам. Немаме натпревари, не трениравме и нам сè ни е добро, без разлика што Рајн Некар Левен е силен тим. Се надевам дека ќе одиграме како и секогаш цврста одбрана. Притисокот мислам дека нема врска ни за нас, ни за нив. Треба да бидеме опуштени за да го дадеме максималниот потенцијал. Но, верувам дека притисокот нема врска и секој ќе го даде максимумот“, вели тренерот на Пелистер, Жељко Бабиќ. 

Гоце Ојлески се сложува со тренерот Бабиќ дека Левен е голем фаворит, но смета дека баш поради тоа тимот нема што да загуби.

„Секако дека коронавирусот остави трага. Не е лесно да си надвор од тренажен процес десетина дена. Видовме како тоа се одрази на натпреварот против Кадетен Шафхаузен. Атмосферата не се наруши, продолживме да тренираме, да ја вратиме снагата и да се подготвиме за натпреварот во вторник. Рајн Некар Левен е фаворит во групата. Не е лесно да се игра против нив, посебно на гостински терен. Нема што да загубиме, одиме да играме европски ракомет и можеме само да добиеме и да се воиграме за следните натпревари кои ни следуваат.

Дуелот меѓу Рајн Некар Левен и Пелистер е закажан за утре со почеток во 20:45 часот.

Се вчитува...