Баерн Минхен веќе ја осигура титулата во Бундес-лигата, но баварскиот гигант максимално сериозно се подготвува за утрешниот последен домашен меч за оваа сезона, во кој на „Алијанц Арена“ ќе гостува Борусија Менхенгладбах.
Во центарот на вниманието дефинитивно ќе биде Томас Милер, големиот ас кој ќе го игра последниот меч на „Алијанц Арена“ како член на Баерн откако веќе беше објавено дека тој летово ќе си замине од баварскиот гигант. Милер е една од најголемите легенди на клубот, играч кој урна бројни рекорди во дресот на Баерн, па управата на клубот организира спектакл во негова чест за утрешниот дуел.
„Немаме притисок бидејќи титулата е осигурана, но сакаме да победиме со Борусија за Томас Милер. Тоа ќе биде негов последен меч во Минхен, спектакл за сите во клубот. Секако ќе биде многу емотивно, за Томас, но и за сите луѓе во Баерн. Тоа се прекрасни моменти што се паметат цел живот, знам бидејќи и јас ги имам доживеано. Го познавам Томас, кој е голем борец, сака да покаже дека се уште може да игра на највисоко ниво. Има фантастичен однос со навивачите и дефинитивно утрешниот меч ќе мине во негов знак“, изјави тренерот на Баерн, Винсан Компани.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА