Бајиќ: Најважно е што ја остваривме нашата цел, ќе продолжиме да им даваме шанса на младите

Македонската кошаркарска репрезентација со учинок од две победи и два пораза ги заврши претквалификациите за Светското првенство 2023 и за прв пат во својата историја обезбеди настап во следната фаза, односно квалификациите за Мундијалот.

На натпреварите против Словачка и Швјацарија можеа да се видат многу недостатоци во играта на нашата репрезентација, меѓутоа истите се и назнака за тоа на што треба да се работи во следниот период доколку Македонија сака да се претстави во најдобро светло против репрезентациите кои се ранг повисоко од нас.

Новиот селектор на македонската репрезентација, Драган Бајиќ по претквалификациите говореше за изминатите 40. дена и даде осврт на натпреварите.

„За мене е најважно што ние ја остваривме нашата цел. Се изборивме за  првото место во групата, и ќе играме во квалификациите за пласман на Светското првенство“ – вели Бајиќ.

„На почетокот, особено по стартниот пораз од Швајцарија, никој не веруваше дека ќе дојдеме до целта. Дури и оние најголеми оптимисти дигнаа раце од нас. Не веруваа дека можеме. Но јас постојано им говорев на играчите дека треба чесно да работиме. И дека таквиот пристап ќе ни донесе резултат. Чесно  работевме, тоа ни се врати. Дојдовме до посакуваното. Одигравме две средби на навистина високо ниво. Задоволен сум, се оддолжив на довербата која ја добив од страна на раководството на федерацијата на  најдобар можен начин. Но сите заслуги им припаѓаат на овие момци кои одвоија време, простор да бидеме заедно во тие 40. дена“

Драган Бајиќ и неговите соработници имаат време до ноември да работат на недостатоците на македонската репрезентација…

„Во овој момент најважно е дека дојдовме до резултатот кој го посакувавме. Каде е лимитот, во овој момент не знаеме. Но ова е дел од историјата, за прв пат ќе играме квалификации за Светскиот Куп. А го реализиравме тоа без девет играчи во ростерот. Видовте дека на турнирот во Скопје играа кошаркари кои не беа ниту во оние 12 во претходните репрезентативни циклуси. Останува простор да видиме кој од нив навистина може да помогне во наредниот квалификациски циклус во кој повторно ни доаѓа европската репрезентативна елита. Јас ќе се обидам, колку е тоа возможно, да продолжиме со плановите да им даваме што е можно повеќе шанса на младите, затоа што тие ќе бидат и иднина на македонската сениорска репрезентација“ – додаде селекторот.

Се вчитува...