Бајиќ: Се гордеам со овие момци, ова ќе биде една одлична екипа во иднина…

Македонскиот селектор Драган Бајиќ очекувано задоволен од победата на избраниците над Швајцарија со која Македонија се движи, за првпат, кон едни квалификации за пласман на СП.

Бајиќ е горд на кошаркарите за кои вели дека во иднина ќе бидат една одлична екипа со силен мотив за надигрување со секој противник.

„Морам да им честитам на момците, одговорија на задачите кои ги поставив за мечот. Морам да бидам презадоволен од тоа прво полувреме и од самиот меч во кој противникот го спуштивме на 60 поени. Нервозата се јави во вториот дел. Но таа е сосема нормална во вакви важни натпревари. Не ја гледам разликата, најважна е победата. Овие кошаркари покажуваат напредок од меч во меч и сигурно е дека ова ќе биде една сјајна екипа во следниот период. Публиката беше голем ветер во грбот за нас. Во последните две минути момците покажаа карактер. Се фрлаа на паркетот, имаа контрола на скокот и во одбраната. Тие се виновни за овој резултат кој го имаме. Ни останува уште еден натпревар до крајот, се надевам дека и тој ќе го победиме“ – истакна Бајиќ по мечот, притоа дополнувајќи:

„Кога говорам за трите натпревари кои ги одигравме досега, задоволен сум од одбраната. Мора да бидеме свесни за квалитетот на тимот кој го имаме во моментов. На пример, на плејмејкерската позиција го имаме младиот Николов кој немаше ни 45 минути во МЗТ, а доби голема улога да игра натпревари за репрезентацијата. Се трудам тој да напредува и работам со него, тој е одличен играч. Напаѓачки, треба да ги поправиме работите, вечерва беше многу подобро во однос на оној прв меч со Швајцарија. Знаевме да ги казниме сите грешки. Но, не смееме да имаме таква нервоза додека играме важен меч, посебно кај некои играчи кои се поискусни“.

Се вчитува...