Баку од бензинска на терен – истрча 11 километри, даде гол, па пееше на трибини

Името Ридле Баку не значи ништо на фудбалската јавност, но станува збор за 20-годишно момче кое е нов миленик на навивачите на Мајнц. А и како не би бил ако се земат во предвид вчерашните случувања, кога младиот Баку воопшто не беше планиран за дуел против Лајпциг, за не само да заигра, туку и да ја има улогата на херој на својот тим.

Имено, тој беше планиран да настапи за младинскиот тим, па со автобус се возеше со остатокот на играчи од својата генерација. Тогаш се се промени со еден телефонски повик, откако тренерот на првиот тим порача дека Баку му е потребен за тимот со Лајпциг. Немаше друго „чаре“, автобусот со младинци продолжи, а ова 20-годишно момче остана да чека на бензинска пумпа, каде дојде автомобил за да го собере и одведе кај членовите на првиот тим.

„Не можев да поверувам дека повторно добивам шанса откако играв и против Штутгарт. Бев решен да дадам се од себе, уште повеќе откако дознав дека ќе бидам во стартниот тим“ – коментира младиот ас на Мајнц.

Неговиот настап дефинитивно е за паметење, Баку за 90 минути игра истрча 11 километри, убедливо најмногу од сите фудбалери на теренот. А партијата од соништата ја круниса со гол за победа од 3-0 постигнат во 90. минута.

За впечатокот да биде комплетен, младиот фудбалер за врска на крајот од мечот се качи на трибината кај најгласните фанови на Мајнц и почна со пеење на навивачки песни.

Ден за паметење, нема што, но и одлична препорака за на овој фудбалер сериозно да се смета во иднина.

Се вчитува...