Балотели му врати на Кјелини: Молчиш пред луѓето, па ги озборуваш во книга..

Не се чекаше многу за Марио Балотели да му одговори на Џорџо Кјелини, откако во автобиографската книга на искусниот дефанзивец беа искажани низа критики на адреса на проблематичниот голгетер. Темпераментот на „Супер Марио“ е добро познат, па голгетерот не ја пропушти можноста експресно да му врати на поранешниот колега од националниот тим.

„Јас сум тој што сум, но барем сум чесен и имам храброст она што го мислам да им го кажам на луѓето во лице. Тој говори за ситуација од 2013 година, имал толку шанси да се однесува како вистински маж, но не го сторил тоа. Молчи пред луѓето, па ги оговара во книга. Ако тоа значи да се биде шампион, повеќе сакам да не сум шампион како Кјелини. Којзнае што ќе каже еден ден за луѓето со кои сега игра заедно во Јувентус“, истакна Балотели.

Кјелини во својата книга „Јас, Џорџо“, го посочи Балотели како еден од најнегативните примери за соиграчи со кои има настапувано во кариерата.

„Балотели е негативен како човек, тој не ја почитува екипата. За време на Купот на Конфедерации во 2013 година воопшто не им помагаше на соиграчите. Заслуживаше шлаканица, тоа е лекот за него. Некои луѓе мислеа дека е меѓу петмината најдобри во светот, но за мене никогаш не беше ниту во Топ 20“, напиша Кјелини.

Се вчитува...