Барди: Едвај го чекам мојот прв гол за Леванте сезонава

Енис Барди имаше извонредна дебитантска сезона во „Ла Лига“, но по серијата од девет прекрасни погодоци во ланскиот шампионат тој сезонава се уште е во исчекување на својот прв гол за Леванте. Една од причините е и слабата форма на неговиот тим, кој во последните четири кола забележа едно реми и три порази, но Барди е оптимист дека работите наскоро ќе тргнат во позитивна насока и за него и за Леванте.

„Да бидам искрен едвај го чекам својот прв гол за Леванте сезонава. Се чувствувам добро на физички план, сакам да помогнам да излеземе од овој кризен период и се надевам дека наскоро ќе го постигнам и тој толку посакуван погодок. Желбата е голема, но тоа не е опсесија, пред се сакам Леванте да почне да победува бидејќи знам дека имаме квалитет за такво нешто“ – истакнува Барди.

Неговиот тим минатата недела доживеа катастрофален пораз од Севилја, на домашен терен со 2-6, но во следните пет дена има нешто полесен распоред, најпрвин гостува на Валјадолид, а потоа ќе биде домаќин на Алавес.

„Резултатот беше преубедлив и прави да се заборави дека ние одигравме многу квалитетно во првото полувреме. Секако дека бевме незадоволни по поразот, но тоа ни е само мотив да ги исправиме работите. Следните две средби се многу значајни за нас“ – порачува македонскиот репрезентативец.

Се вчитува...