Барнли е омилен „пациент“ на Обамејанг

Арсенал врза две победи на стартот од премиерлигашката сезона, за првпат по пауза од десет години, откако „топчиите“ попладнево по голема битка триумфираа над Барнли со 2-1. Во главна улога беше Пјер Емерик Обамејанг, кој повторно блесна против Барнли постигнувајќи го победничкиот гол, откако на претходните три меча со истиот ривал одличниот голгетер имаше постигнато шест погодоци.

Мечот почна одлично за Арсенал, откако Лаказет во 13. минута фантастично се снајде на работ од петерецот и ја смести топката во мрежата. Барнли опасно се закани во неколку ситуации, а до израмнувањето заслужено дојде пред крајот на полувремето, кога Вуд се најде на вистинско место во вистинско време и ја смести топката во мрежата на Лено.

Во второто полувреме Арсенал тргна во офанзива, Емери го внесе во игра и Николас Пепе, но победничкиот гол беше дело на Обамејанг. Одличниот Себалјос борбено освои топка на противничката половина и го проигра во празно Обамејанг, кој од дваесетина метри го матираше гостинскиот голман.

Арсенал во третото коло го очекува тешко гостување против европскиот првак Ливерпул.

Се вчитува...