Барса без двајца клучни играчи на мегдан со Атлетико Мадрид

Барселона ќе биде значително ослабена за вечерашниот прв полуфинален натпревар од Копа дел реј, на гостински терен против Атлетико Мадрид. Овој дуел важи за „финале пред финалето“ во кралскиот куп на Шпанија, а Луис Енрике за првиот натпревар на „Висенте Калдерон“ нема да може да смета на услугите на Андрес Иниеста и Серхио Бускетс.

Иниеста се мачи со повреда на мускулот, додека Бускетс настрада во пределот на скочниот зглоб за време на натпреварот против Еибар, а лекарскиот тим не успеа да ги испособи двајцата клучни играчи во средниот ред на каталонскиот гигант за тешкото гостување во Мадрид.

Како што јавуваат каталонските медиуми, Луис Енрике нема премногу дилеми околу составот, Силесен повторно ќе добие шанса на голот пред Тер Штеген, како што беше случај и на претходните средби од Копа дел реј. Во однос на последниот меч од Примера против Бетис на бековските позиции ќе се вратат Серхио Роберто и Алба, додека Маскерано ќе игра како последен играч за врска, зад Андре Гомеш и Денис Суарез.

Се вчитува...