Барса е во небрано – има договорено две засилувања, но не може да се ослободи од Дембеле

Осман Дембеле продолжува да им создава проблеми на челниците на Барселона, кои преговараат за ангажман на нови засилувања, но тие трансфери нема да можат да ги комплетираат додека не се ослободат од францускиот офанзивец.

Алваро Мората е на чекор до „Камп Ноу“ откако Јувентус ги интензивираше преговорите со Фиорентина за ангажман на Душан Влаховиќ. Доаѓањето на српскиот голгетер ќе значи и зелено светло за заминување на Мората, кој е сопственост на Атлетико Мадрид, но „јорганџиите“ би го дозволиле трансферот за да дојде до „израмнување на долгот“ што го имаат од летниот ангажман на Антоан Гризман.

Барса покрај Мората е на добар пат да го осигура и трансферот на Талјафико, левиот бек што би пристигнал на позајмица од Ајакс, со клаузула за задолжителен откуп на крајот од сезоната. Аргентинецот од сите понуди што ги има инсистира токму на преселба во Барселона, преговорите меѓу управите се во завршна фаза, но како проблем останува Дембеле.

Поточно, Барса нема да може да ги регистрира новите засилувања поради ограничениот буџет за плати, што каталонците го имаа надминато поради недомаќинската работа на претходната управа. Единствено решение е заминување на Дембеле, кој зема плата колку што Мората и Талјафико би заработувале заедно во нареднит ешест месеци. Проблем е што Французинот инсистира да остане во клубот до јуни и потоа да ја напушти Барселона како слободен играч, со што каталонците би останале без никаква отштета од неговиот трансфер, но и без можноста во јануари да доведат две квалитетни засилувања како Мората и Талјафико.

Се вчитува...