Кире Лазаров имаше фантастично тренерско деби, предводејќи ја Македонија до триумф на квалификацискиот дуел со светсскиот првак Данска, потврдувајќи дека поседува подеднаков тренерски потенцијал како и ракометната класа што ја потврдува на тереноте со своите настапи во изминатите дваесетина години. Лазаров не крие дека сака да се надоградува и уште повеќе да напредува во тренерскиот занает, а веќе на маса има и две одлични понуди за такво нешто.
Барселона и Нант се клубовите кои сакаат да го доведат Македонецот како дел од стручниот штаб за наредната сезона и веќе испратиле понуди за да го ангажираат Лазаров. Актуелниот договор што Кире Лазаров го има со Нант како играч на оваа екипа истекува на крајот од сезонава, а францускиот клуб сега сака да го задржи Македонецот, но како прв асистент на тренерот Ентрериос. Сличен е планот и на Барселона, каде првиот тренер Чави Пасквал не ја крие желбата да го врати назад Лазаров во каталонската престолнина, како дел од стручниот штаб за новата сезона.
И двете опции се примамливи за македонската ракометна легенда, но Лазаров не ја крие желбата да продолжи да настапува и како играч уште една сезона, финиширајќи ја играчката напоредно со почетокот на тренерската кариера. Капитенот при промоцијата за селектор најави дека во најскоро време ќе одлучи кога и каде ќе ја продолжи кариерата, притоа потенцирајќи дека би сакал да игра уште една година пред и официјално да се збогува со активните настапи, воедно и да биде дел од репрезентацијата за ЕП 2022.
Во секој случај, интересот на врвни клубови како Барса и Нант е доволен доказ за реномето на Лазаров, кој покрај со играчките квалитети отсекогаш импресионирал и со професионализмот, нешто што гигантите ширум Европа максимално го почитуваат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА