Барса на колена пред Манасков и Веспрем

Дејан Манасков и Веспрем остануваат главни ривали на Вардар за второто место во групата откако унгарскиот гигант вечерва во фантастичен натпревар го совлада лидерот Барселона со 29-26.

Веспрем одигра одличен натпревар во кој го контролираше резултатот, Барса неколку пати се враќаше, но Давид Дејвис ја имаше победничката формула – во финишот го врати на голот Штербик, ги затвори приодите во играта во дефанзива и заслужено се радуваше на големата победа.

Манасков одигра одлично во првото полувреме, постигнувајќи четири гола од пет удари, по што во вториот дел му го отстапи своето место на Штрлек. Македонецот беше еден од четворицата најефикасни ракометари на теренот кај Веспрем, заедно со Тонесен, Мае и Ненадиќ, а по четири гола кај Барселона постигнаа Арињо, Виктор Томас и Нгесан.

Веспрем во следното коло од ЛШ му гостува на Вардар во Скопје, натпревар што ќе биде решавачки во битката за второто место во групата.

Се вчитува...