Барса поради Меси остана без загарантирана заработка од 130 милиони евра!

Шпанскиот великан Барселона летово остана без својата икона Лионел Меси, кој многу скапо ги чинеше Каталонците поради својата огромна плата (последниот договор му беше над пола милијарда евра), ама по сѐ изгледа уште поскапо ги чини откако летово си замина во ПСЖ, откако не можеше да биде регистриран поради тешката криза на „Камп Ноу“.

Барселона која е во долгови до гуша од над една милијарда евра, сега бара начин како да се извади од калта, а Меси не можеше да го регистрира ни за половина договорена плата со Аргентинецот поради финансискиот фер-плеј. Проблемот за Каталонците е поголем зашто сега со заминувањето на Меси, два планирани џиновски приходи сега се – откажани.

Првиот голем приход што Барса го имаше договорено, а пропадна е спонзорскиот договор со една компанија која се занимава со трговија со криптовалути. Тој договор бил вреден 70 милиони евра, ама Меси си замина и спонзорскиот договор пропадна. Компанијата се откажала од опцијата да спонзорира штом го нема најдобриот на светот.

Втората компанија е индиска компанија која се занимава со онлајн образование и биле подготвени да дадат 60 милиони евра за спонзорство. Договорот бил готов и требало само официјално да се потпише, арно ама откако Меси во август си замина, Индијците се предомислиле.

Во Каталонија стравуваат дека самото заминување на Меси ќе има и подолгорочен ефект на спонзорствата, зашто Барселона нема да може да добие пари какви што би имала со него во тимот и сега без него, кога и резултатите очигледно се очајни. Оттаму е стравот дека ефектот на Меси во долгорочната загуба на Барса со неговото заминување ќе надмине една милијарда евра.

Се вчитува...