Барселона го преслуша ППД Загреб во „Арена“

Барселона го декалсира ППД Загреб во „Арена“ со 32-24, во првиот натпревар од 9.коло во групата А од Лигата на шампионите. Златко Сарачевиќ кој го замени касим Каменица на клупата на храватскиот шампион, немаше многу среќа во своето тренерско деби во ЛШ.Загреб делуваше инфериорно и немоќно против Барселона и го очекувано го запиша седмиот пораз во годинашната сезона во ЛШ, девети во меѓусебните дуели со каталонскиот тим.

Барселона наметна темпо уште од стартот и поведе со 4-0. Осум минути им беа потребни на домаќините да дојдат до првиот погодок, а за сите 30 минути во првиот дел ППД Загреб постигна едвај 11 гола. На спротивната страна, Барселона доминираше со 67% процентна реализација во нападот и на одмор замина со предност од 11-16.

Во многу подобро издание ППД Загреб го почна второто полуврме и за осум минути ја намали негативата на два гола (18-20). Но, Барселона со две контри одново се врати на сигурна позитива и до крај го држеше натпреварот под контрола.

Дика Мем беше најефикасен во составот на Барселона со седум гола, а по шест погодоци запишаа Валеро Ривера и Виктор Томас. Борко Ристовски на овој натпревар остана на клупата, а голот на Барселона беше Гонзало Перез де Варгас. Кај ППД Загреб прв стрелец беше Жарко Марковиќ со шест гола.

За Барселона ова е петта победа со која моментно избива на второто место на табелата во групата А со 12 бода, еден повеќе од Рајн Некар Левен и од Нант, но и со натпревар повеќе. На лидерската позиција во групата А е Вардар со 15 бода. Во ова коло, вардарци в сабота му гостуваат на Рајн Некар Левен.

Се вчитува...