На помалку од еден месец од првата сезонска пресметка меѓу Барселона и Реал Мадрид, популарното „Ел класико“, Барселона ја започна продажбата на билетите и веднаш ги шокира своите навивачи.
Дуелот е закажан за 25 октомври на „Камп Ноу“, и засега билетите ќе можат да ги купат само членовите на клубот (социоси), но цените се сè само не достапни за сечиј џеб.
Барселона на своите членови им понуди ексклузивен период на претпродажба кој ќе трае 48 часа со скромни пет отсто попуст.
Управата на клубот применува динамичен модел на одредување на цените кои ги диктираат понудата, побарувачката и бројот на слободни седишта по секторите на стадионот.
Резултатот на таквата политика ги шокира навивачите бидејќи во овој момент цената на најефтиниот билет изнесува 476.5 евра и тоа за сектор од најниската категорија зад голот. Цената за билет за дел од трибините кај корнер знамињата изнесува 699 евра.
Останатите цени изнесуваат 799 евра, 899 евра, а најскапите билети се за првите редови од западната трибина кои се продаваат за 999 евра.
За тие со најдлабок џеб, има ВИП премиум пакети чија почетна цена изнесува 1.750 евра.
Но, и покрај неверојатно високите цени за билети, каталонските и шпанските медиуми пишуваат дека „Камп Ноу“ ќе биде исполнет до последно место.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
