Белград се тресе: Теодосиќ во Црвена звезда?

Милош Теодосиќ си замина од ЛА клиперс и се врати назад во татковината, а српските медиуми веднаш најавија и вистинска „бомба“, дека кошаркарскиот генијалец би можел да заигра во дресот на Црвена звезда. Супер-агентот Мишко Ражњатовиќ најави дека „црвено-белите“ ќе бидат активни во следниот период, што заедно со фактот дека Теодосиќ е слободен за ангажман беше доволна причина за кошаркарска треска во Белград.

Екс-кошаркарот на ЦСКА Москва и на Олимпијакос стави до знаење дека приоритет ќе му биде да помогне Србија да се пласира на Мондобаскет, а во меѓувреме се олади и интересот на заинтересираните за негов ангажман. ЦСКА Москва и Фенербахче објавија дека воопшто нема да се вклучат во оваа трка, додека Макаби и Ефес подготвиле понуди кои според висината се далеку од задоволителни за големиот ас.

Во една таква ситуација на сцена би можело да стапи раководството на Црвена звезда, кое не ја крие желбата да се врати на тронот на АБА-лигата и да избори место во Евролигата. „Црвено-белите“ испаднаа од Еврокупот, така што евентуалниот мегатрансфер би го комплетирале само за АБА и за српското првенство, па останува да се види дали Теодосиќ би се согласил на еден ваков трансфер, со послаби натпревари и за значително помала плата од онаа во Макаби или Ефес, во исчекување на побогат летен трансфер. Реално, шансите не се преголеми, но медиумите во Србија најавуваат дека лесно може да дојде до пресврт доколку се најде нов спонзор на клубот кој би ја покрил платата на Теодосиќ.

Едно е сигурно, одлуката ќе треба да биде донесена час поскоро бидејќи преодниот рок за АБА-лигата истекува в петок.

Се вчитува...