Бенфика го запира налетот на „милионерите“

Борусија Дортмунд се надева дека ќе надополни за променливите игри во Бундес-лигата со ново одлично издание во ЛШ. Предизвикот не е мал, „милионерите“ гостуваат на одличниот состав на Бенфика, но во таборот на Борусија се надеваат дека ќе ја продолжат серијата добри игри од групната фаза, кога го освоија првото место пред актуелниот европски првак Реал Мадрид.

Неочекувано се „лизнавме“ против Дармштад минатиот викенд, но успеавме да ја кренеме самодовербата кај играчите во пресрет на овој натпревар. Нашата цел е јасна, да постигнеме што повеќе голови, секогаш играме на таков начин и нема да направиме исклучок ниту вечерва“ – изјави тренерот Томас Тухел, чии избраници постигнаа фантастични 21 погодок за време на групната фаза, што е рекорд во Лигата на шампионите.

„Милионерите“ допатуваа во Лисабон без повредените Геце, Роде, Бендер и Сахин, а неизвесен е настапот на Шмелцер и на Пишчек, кои вообичаено се стартери на бековските позиции.

Бенфика се наоѓа на лидерската позиција во португалскиот шампионат, а „орлите“ ќе се обидат добрата форма на домашната сцена да ја пренесат и во елитното европско натпреварување.

Играме против екипа со исклучителен напаѓачки потенцијал и свесни сме дека пред нас е голем предизвик. Сепак, Борусија треба добро да внимава бидејќи и ние имаме свои адути“ – порача тренерот Руи Виторио во пресрет на денешниот натпревар.

Се уште е неизвесно дали најдобриот напаѓач Жонас ќе може да настапи вечерва, а неговото евентуално отсуство сигурно би било огромен проблем, уште повеќе ако се земе во предвид дека во јануарскиот преоден рок на ПСЖ беше продаден суперталентираниот португалски офанзивец Гонсало Гуедеш.

Традицијата вели дека овие две екипи се сретнале во далечната 1963/64, во рамките на Купот на Европските Шампиони. Тогаш Бенфика славеше на првиот натпревар со 2-1, за „милионерите“ да триумфираат со убедливи 5-0 на реваншот и да се пласираат во следната рунда. Португалците се без пораз на последните четири домашни средби против тимови од Германија, а последниот неуспех го доживеаја на дуелот со Шалке во 2010 година. Борусија триумфираше на своите последни две гостувања во Португалија, против Порто и Спортинг, серија што ќе се обиде да ја продолжи и против третиот фудбалски гигант од оваа земја.

Се вчитува...