Без дополнителен повик: Лазаров со 17 ракометари на мегдан со Романија

Македонската ракометна репрезентација ќе отпатува со 17 играчи на двомечот со Романија откако селекторот Кире Лазаров реши да не повика дополнителни ракометари за претстојните пресметки.

Лазаров неочекувано остана без услугите на Филип Кузмановски, тешка повреда заработи Ненад Костески, а селекторот на вчерашниот прв собир најави дека ќе го почека првиот тренинг за да види во каква состојба се оние кои се жалат на ситни повреди пред да донесе одлука за евентуални нови имиња. На крајот, кормиларот на националниот тим пресече и реши за Романија да патуваат оние кои беа дел од вчерашниот собир и прв тренинг.

Лазаров најави дека ќе ги искористи двете средби со Романците за да им даде шанса на помладите ракометари да покажат дека заслужуваат место во националниот тим, но и да испроба одредени тактички замисли пред бараж-двомечот со Фарските Острови закажан за месец мај.

Романија ќе ја пречека Македонија во градот Браила, првиот дуел на 15 март ќе биде од затворен карактер, додека за оној вториот на 16 март веќе се распродадени билетите.

Се вчитува...