Без одбрана не постои сериозен ракомет: Убедлив пораз и од Германија

ЕКИПА во Берлин,

Стеван Цаневски

Македонија го претрпе и вториот пораз на ЕП 2024, и вториот исто така убедлив откако нашите ракометари вечерва во „Мерцедес Бенц Арена“ загубија од Германија со резултат 34-25. Разликата во квалитет беше јасна уште пред почетокот на мечот, но ако тоа може да се надополни со пристап и вистински карактер, вечерва не видовме такво нешто од македонските ракометари. Наместо тоа проследивме уште едно потпросечно издание со многу грешки во нападот, но и одбрана без импулс и енергија, а кога сето тоа ќе се собере, јасно е дека убедливиот пораз беше неминовен на овој натпревар. Бројот на голови не е толку алармантен колку самата игра во дефанзива, овојпат за разлика од дуелот со Франција имавме и картони и исклучувања, но јасно е дека сме далеку од создавање на силен дефанзивен ѕид пред нашиот гол, а само поради „добродушноста“ на Германците не примивме уште повеќе голови на овјо натпревар.

Германците од самиот почеток наметнаа силно темпо, создавајќи проблеми за нашата одбрана. На спротивната страна, Јагуриновски беше единствениот што преземаше некаква иницијатива во нападот во првите десетина минути, па домаќинот набрзина стигна до 5-3, пред Костески и Талески да стрелаат прецизно за 5-4. Талески доби исклучување при резултат 6-4, по што Германците максимално ги искористија двете минути со играч повеќе, поведувајќи со 9-4. Лазаров побара тајмаут, во игра влезе Митев, кој успеа колку-толку да го разигра нападот, но одбраната остана сериозен проблем, па Омерагиќ набргу по влегувањето во игра доби две исклучувања. Ако на тоа се додаде катастрофалното издание во нападот на Филип Кузмановски, јасно е дека можевме да имаме и поубедлива негатива од оние 18-13 со кои заминавме на одмор.

Второто полувреме почна со апсолутна доминација на Германците, кои за неколку минути стигнаа до убедливи „плус осум“ (21-13). Лазаров побара тајмаут, а Јагуриновски беше играчот што презеде одговорност по таа минута одмор и ја запре серијата на домаќините во „Мерцедес Бенц Арена“. Во наредниот период домашните ракометари рутински го контролираа резултатот, безмилосно казнувајќи ја секоја наша грешка со лесен гол од контранапад, па во 48. минута домашната селекција поведе со девет гола (30-21). При овој резултат не реализиравме пенал преку Никола Костески, а казната стигна со седмерецот на Кнор на десет минути до крајот, за прва двоцифрена предност на противникот (31-21). Во последните десетина минути се играше опуштено на двете страни, а Македонија го искористи тоа за да ја спушти разликата под десет гола и на крајот, со пенал во последната секунда да го загуби овој меч со 25-34.

Ненад Костески со шест гола беше најефикасен во нашиот табор, пред Пешевски и Јагуриновски со по четири погодоци.

Се вчитува...