Еурофарм Пелистер во третиот меч од Лигата на Европа го претрпе и вториот пораз, откако македонскиот вицешампион очекувано загуби на гостувањето против Рајн-Некар Левен со резултат 28-20. Битолските „фармацевти“ добро парираа се до последните дваесетина минути од мечот, кога „лавовите“ го скршија нивниот отпор, поведоа со седум гола разлика и ја осигураа победата.
Одбраните на двата тима го имаат главниот збор на почетокот, па по стартните 10 минути игра резултатот гласеше 2-2. Чаневски запре два удари на Генсхајмер во првите десет минути, но германското крило потоа влезе во ритам, набрзина постигна уште три погодоци, па „лавовите“ поведоа со 6-4. Веќе во следниот напад Шмид погоди за 7-4, по што Бабиќ го зеде првиот тајмаут на натпреварот. Велковски влезе во игра и постигна два погодоци за Еурофарм Пелистер, прецизен беше и Периќ, намалувајќи на 8-7.
Рајн-Некар Левен имаше водство од 13-9, но Никола Маркоски со еден гол и една асистенција (до Вегар) ја преполови негативата на македонскиот вицепрвак, по што домашниот тренер Швалб побара тајмаут. Велковски заработи исклучување во првиот напад по тајмаутот, а „лавовите“ постигнаа еден гол до крајот на полувремето и на одмор се замина со водство на германскиот гигант од 14-11.
„Пелистерци“ повторно покажаа карактер, па откако се најдоа на „минус пет“ одговорија со три гола во низа и намалија на 17-15, повторно враќајќи се во натпреварот и не дозволувајќи Германците да се одлепаt. Битолчани имаа и предност од играч повеќе, но не успеаја да ја искористат, по што германскиот состав експресно се врати на „плус пет“ (20-15). Бабиќ зеде тајмаут, се обиде и со „седум на шест“, но немоќта во нападот беше огромна дури и со играч повеќе, по што „лавовите“ рутински стигнаа до 22-15. Победникот беше решен, а домаќините до крајот уште повеќе ја зголемија предноста, се до конечните 28-20.
Периќ со пет, Мараш со четири и Велковски со три гола беа најефикасни во таборот на Еурофарм Пелистер, додека прв стрелец на победничкиот тим беше Вајгел со седум гола од исто толку обиди.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА