Блокотехна им ги скрати крилјата на „соколите“

Екипите на Блокотехна и на Карпош соколи одиграа возбудлив натпревар попладнево во Гевгелија, на кој новиот прволигаш славеше над вицешампионот со убедливи 92-83. Со оглед на фактот дека се уште е рана фаза од подготовките и двајцата тренери ја искористија можноста за различни опции во нападот и во одбраната, од што позадоволен сигурно може да биде Марјан Илиевски по одличното издание на неговиот тим.

Блокотехна подобро го отвори натпреварот и стигна до двоцифрена позитива, но гостите од Скопје набрзина се вратија. Првото полувреме го одбележа ефикасна игра на двата тима и дури 99 постигнати поени (51-48),за потоа во третата четвртина Карпош соколи да го сврти резултатот во своја полза и по 25 минути игра резултатот да гласи 57-61. Сепак, домаќините повторно заиграа ефикасно во завршницата, на пет минути до крајот остварија двоцифрена предност што знаеја како да ја задржат до крајот.

Казарновски оствари дабл-дабл со 22 поени и 11 скокови, а одличен кај Блокотехна беше и плејмејкерот Младеновиќ, реализирајќи 18 поени, девет асистенции и седум скокови. Кај Карпош соколи најефикасни беа Мекфејден со 18 и Делиќ со 13 поени.

Денешната победа  беше реванш на Блокотехна за поразот од Карпош соколи на пријателскиот меч одигран во Скопје пред десетина дена, на кој актуелниот вицешампион триумфираше со 80-74.

Се вчитува...