Бобан: Пак би го удрил полицаецот…

Звонимир Бобан се најде во центарот на вниманието на мечот Динамо – Црвена Звезда пред точно 30 години, кога 21-годишниот хрватски фудбалер влезе во конфликт со полицијата, па дури и удри еден претставник на законот при големите инциденти што се случија пред дуелот на „Максимир“. За инцидентот Бобан беше казнет со девет месеци неиграње, подоцна суспензијата беше намалена на четири месеци, а селекторот Ивица Осим токму поради оваа случка не го вклучи одличниот плејмејкер во составот за СП во Италија.

Без оглед на последиците, Хрватот смета дека ја направил вистинската работа и воопшто не се кае за она што се случи.

„Се сеќавам на секој момент, со гордост што сум дел од таа приказна, заедно со Бед Блу Бојс и со хрватскиот народ. Тогаш ја ризикував кариерата, но некои навивачи ги ризикуваа животите. Тоа што им го правеа на нашите навивачи беше за секоја осуда, а на другата страна, фановите на Црвена Звезда кои го предизвикаа инцидентот седеа мирно. Сакав само да заштитам еден наш навивач, добив пендрак во глава и реагирав во афект. Сепак, не кријам дека пак би го удрил полицаецот, не бидејќи сум сакал да бидам некаков херој, туку само реагирајќи на неправдата што траеше со години. Хероите одеа во војна, ние бевме само бунтовници“, вели Бобан.

Се вчитува...