Боби Милевски: Подобро и од очекувањата во Анталија, мечот со Словачка за издвојување

Повеќе од одличен турнир мина младата репрезентација на Македонија која на „Анталија Куп 2021“, во конкуренција на шест европски селекции, на крајот заврши на третото место. Селекторот Боби Милевски, заокружувајќи ги впечатоците од Турција, вели дека првиот подготвителен собир на новата македонска генерација минал и далеку подобро од неговите очекувања, создавајќи слика која апсолутно носи позитивни вибрации и за новиот квалификациски циклус.

Македонија, во далеку подобра игра од противникот несреќно загуби на стартот од Казахстан (1-2), потоа ремизираше со Словачка (2-2) само поради неспретниот автогол во последната минута, а убедливо со 5-1 триумфираше против Бугарија.

„Да бидам искрен, навистина и многу подобро од моите посакувања и очекувања мина турнирот во Анталија. И ако треба да издвојам натпревар тогаш тоа сигурно е оној против Словачка во кој, две комплетно различни постави во две различни полувремиња целосно надиграа еден верувајте повеќе од квалитетен противник. Без разлика што по водство од 2-0 дозволивме противникот по наши две индивидуални грешки да дојде до реми на крајот. И знам дека можеби јавноста е восхитена од убедливата победа против Бугарија, против која исто така несомнено доминиравме, но за мечот против Словачка треба да им се честита на момците“ – вели Милевски.

Македонскиот селектор, како што нагласи и пред турнирот, шест полувремиња на трите натпревари одигра со сосема различни постави, давајќи буквално подеднаква шанса на сите 24 фудбалери во Анталија.

„Сето тоа е така затоа што основната цел беше комплетно да го снимиме целокупниот индивидуален потенцијал, а вграден потоа во колективот. Затоа и комплетно ги менувавме поставите на полувремето од секој натпревар. Резултатите беа најмалку важни, но сликата која ја добивме сега за оваа нова генерација“.

А, сликата е…

„Имаме навистина одличен потенцијал и во оваа генерација. Презадоволен сум од односот на секој поединец кон националниот тим, и начинот на кој функциниравме. Јас постојано нагласувам дека секоја генерација си носи нешто свое, и оваа е сосема поразлична од оние претходните, со свои посебни карактеристики. Во оваа генерација и тоа како има трка и агресивност, посебно во средниот ред каде имаме сосема нови играчи. Пред нас е дополнителен собир и во јуни, по што веруваме дека ќе биде креирана селекција за повеќе од сериозен настап во квалификацискиот циклус кој стартува од септември“ – истакнува селекторот Милевски.

Се вчитува...