Бочески: Охрид со ново лице, максимално подготвени кон новата сезона

И второлигашот Охрид ги стартуваше подготовките за новата сезона во Втората лига – Запад.

Шефот на стручниот штаб, Драган Бочески, главно со истиот играчки кадар од минатата сезона, дополнет со неколку засилувања, ќе ја очекува новата сезона. Од клубот заминаа Раиф Мирселоски, Дарко Симјаноски, Вецко Вренцоски, Мартин Шишков и Александар Василев, а нови имиња се Един Мерсовски, Фатмир Ариф, Никола Симоноски, Оливер Мирески и Оливер Дишлиевски.

„Неколку дена ќе имаме лесни тренинзи, затоа што долг период фудбалерите одмараа, немаа ниту тренинзи и натпревари. Подготовките во пеколно темпо ќе ги стартуваме од понеделник. Ќе почнеме со физичкиот дел, а потоа ќе уфрлуваме други сегменти. Имаме доста време да го исполнеме планот и максимално подготвиме составот за второлигашките предизвици. Контролните тестови ќе ги стартуваме со Караорман, а ќе играме со Струга Трим Лум, Пелистер, Тиквеш, Кораб и уште неколку други екипи“ – вели Бочески.

И меѓу фудбалерите, од самиот старт на подготовките, позитивно е расположението дека може да се одигра далеку поквалитетна сезона од онаа претходната.

„Атмосферата во екипата на почетокот од подготовките е добра и влева многу надеж за претстојната сезона. Сите фудбалери сме подготвени за максимална работа и добри подготовки. Желни сме за тренинг и фудбал, затоа со нетрпение ги чекаме контролните мечеви а потоа и првенствените. Екипата има искуство плус од минатата сезона и едноставно не смееме да ги повториме грешките. Не треба Охрид да стравува за опстанокот во Втората лига, туку тој да биде сигурен“ – вели Ромео Кочоски.

Се вчитува...