Бојиќ е МВП на колото во АБА2 лигата

Центарот на МЗТ Скопје Аеродром, Андрија Бојиќ, апсолутно заслужено стигна до МВП признанието на 12. коло од АБА2 лигата, по извонредното издание во дресот на „металците“ на гостувањето против Хелиос. Тој го заврши мечот со 35 поени, 11 скокови и две блокади, собирајќи 35 индексни поени, доволни за признанието кое го посакува секој што настапува во ова регионално натпреварување.

Бојиќ ведно беше и прв стрелец на дванаесеттата рунда од АБА2 лигата со 35 постигнати поени. Меѓу најдобрите се најдоа уште тројца кошаркари на МЗТ Скопје, и тоа Лестер Медофрд и Иве Иванов, кои со десет односно девет асистенции беа двајцата најдобри асистенти во колото, како и Андреј Магдевски, кој со три украдени топки го подели признанието за најдобар „крадливец“.

Ова е третпат кошаркар на МЗТ Скопје Аеродром да биде избран за најдобар во рундата, по Џејмс Вудард и Иванов кои беа најдиминантни по првото односно осмото коло од АБА2-лигата.

Се вчитува...