„Бомба“ од Португалија: Роналдо го купува клубот за кој што игра

Кристијано Роналдо се подготвува за завршување на кариерата, но португалскиот ас планира да остане во фудбалот, и тоа како сопственик на клуб. И тоа не во било кој клуб, туку во Ал Наср, тимот од Саудиска Арабија чии бои португалската суперѕвезда ги брани во последните неколку години.

Португалските медиуми објавија дека преговорите се веќе стартувани, а Роналдо ќе биде еден од четирите ко-сопственици, заедно со актуелниот прв човек на Милан, Џери Кардинале и уште двајца бизнисмени од Саудиска Арабија.

Јавниот Инвестициски Фонд моментно раководи со најголемите клубови во оваа земја, но Роналдо и неговите партнери покажале сериозен интерес да застанат целосно зад Ал Наср. Секој од нив нуди по 100 милиони евра, но и дава гаранции за уште посериозни инвестиции во клубот во периодот што следи.

Во следните два дена ќе биде одржан и официјален состанок на кој се очекува преговорите да влезат во завршна фаза, доколку саудиските власти решат да се откажат од управувањето со актуелниот шампион во лигата.

Се вчитува...