Борец без тренер, Аврамовски поднесе оставка

Фудбалерите на Борец од Велес повторно останаа без тренер, Никола Аврамовски-Коки по само неколку кола откако го презеде клубот, поднесе неотповиклива оставка и си замина од Велес. Тој беше незадоволен од многу неисполнети ветувања, особено од несредените односи во Борец, кој се наоѓа во тешка материјална положба бидејќи играчите веќе и заборавиле кога последен пат добиле плата, не им се исплатени, на дел од нив, ниту патните трошоци и сето тоа кулминираше со слаби резултати. Во моментов, по 14 одиграни кола Борец е последен на табелата, без ниту еден освоен бод, практично веќе е на пат за Третата лига на Македонија за првпат во неговата богата историја. Кој ќе биде нов тренер на едно коло пред крајот на есенското првенство, тешко е сега да се каже. Во саботата, по оставката на Аврамовски, екипата на мечот со Гостивар ја водеше тренерот на младинците Марјан Јаковлев.

Инаку, Борец првенството го почна со Благој Петров,неговиот поранешен играч,како шеф на стручниот штаб, но и тој по шест-седум кола се повлече бидејќи свати дека со овој млад тим и во една беспарица залудно ќе го троши тренерското време. По сите овие турболенции во клубот многумина љубители на фудбалот во Велес се прашуваат што се случи пред две сезони, кога Борец под водство на тренерот Горазд Михајлов и спонзорот Кочо Анѓушев експресно од Втората само за една година влезе во Првата лига на Македонија, кога по есенската прволигашка сезона се наоѓаше на четвртото место на табелата со големи шанси да се појави дури и на европската сцена. И тогаш нешто „пукна“ во клубот, Горазд Михајлов поднесе оставка, Анѓушев се откажа од спонзорство и наместо во Европа, Борец експресно се врати во Втората лига, а сега го очекува и Третата. Кој е се виновен за овој невиден дебакл на велешкиот фудбал, има многу виновници.

Почнувајќи од градските фактори кои не беа многу заинтересирани за материјалните потешкотии /замислете го помагаа Борец со 2.500 евра годишно/, до една група фудбалски ветерани кои сакаа да го преземат и да раководат со клубот иако немаа ниту визија за тоа ниту пак обезбедени средства. И се случи, тоа што се случи на еден клуб со голема фудбалска традиција. Ќе биде потребно многу работа, многу време, многу трпение и вистински фудбалски луѓе на чело, Борец повторно да биде она што и порано беше, миленик на градот.

М.М.

Се вчитува...