Борец се откажува од настапите во Втората лига!?

Покрај Вардар, уште еден второлигаш се соочува со проблеми од финансиска и од играчка природа. Вардар на ваков или онаков начин можеби ќе ја одигра сезонава, но Борец тешко дека тоа ќе го доживее. Според информациите на ЕКИПА, велешкиот тим е пред одлука да се откаже од натпреварувањето во Втората лига.

Велешкиот тим е без бодови после есенскиот дел од сезоната, и речеиси иден третолигаш, меѓутоа сега од Велес доаѓаат најави дека клубот целосно ќе згасне, и нема да се натпреварува во пролетниот дел, односно ќе се откаже, а тоа ќе значи и преселба во најнизок ранг.

Борец има 15 порази од исто толку натпревари. Низ текот на есента се појави „искра надеж“ дека ќе има спас. Клубот ангажираше неколку прволигашки имиња, меѓу кои и голманот Александар Игески, но него и другите играчи не можеше да ги регистрира. Тоа требаше да значи дека тимот ќе се консолидира и низ пролетта ќе брка опстанок, меѓутоа сега е јасно дека тоа нема да се случи.

И да игра велешкиот тим, исто така може да се реши со млади играчи, само клубот да не згасне целосно. Подготовки тимот нема, сите играчи се слободни и веќе бараат нови ангажмани.

Претходно веќе објавивме дека Вардар се соочува со „колапс“. За потсетување дека пред почетокот на сезоната прволигашкиот фудбал остана без еден клуб. Ренова се реши да се откаже од натпреварувањето, откако реши прво да го среди домашниот терен, односно стадионот во Џепчиште, па потоа да се врати на „голема врата“ во прволигашката конкуренција.

Се вчитува...