Бостон го реши и Детроит, Оладипо незадржлив за Денвер

Бостон останува тим со најдобар скор во Источната конференција од НБА-лигата по триумфот што селтикси синоќа го забележаа на гостувањето против Детроит (81-91). Гостите водеа во поголем дел од натпреварот, на момент и со 18 поени разлика, но Детроит успеа да се врати на три минути до крајот и да дојде до „минус четири“. Сепак, селтикси го издржаа последниот налет на домаќините, кои шутираа со очајни 33,3% од поле, и заслужено триумфираа. Кајри Ирвинг немаше свој ден и постигна самоо 16 поени, а најефикасен кај Бостон беше Хорфорд со 18.

Виктор Оладипо прераснува во нова ѕвезда на НБА-лигата откако плејмејкерот на Индијана одигра уште еден фантастичен натпревар, овојпат на домашен терен против Денвер, дуел што неговиот тим по продолжение го доби со 126-116. Оладипо беше незадржлив за гостинските кошаркари и го заврши мечот со 47 поени, седум скокови и шест асистенции, а имаше помош од Тарнер со 24 и од Јанг со 18 поени. За Денвер поради повреда повторно не настапи Јокиќ, а најефикасен кај гостите беше Треј Лајлс со 25 поени.

Порзингис учествуваше со 30 поени во триумфот на Њујорк над Атланта, додека Рондо имаше рекордни за него 18 асистенции во победата на Њу Орлеанс на дуелот со Филаделфија.

Резултати НБА:

Сакраменто – Торонто 87-102, Детроит – Бостон 81-91, Индијана – Денвер 126-116 (по прод.), Минесота – Далас 97-92, Њу Орлеанс – Филаделфија 131-124, Њујорк – Атланта 111-107.

Се вчитува...