Бостон не запира – десет победи по ред

Екипата на Бостон селтикс делува незапирливо во моментов, селтикси синоќа славеа над ЛА лејкерс со 107-96 за своја десетта победа во низа. На дуелот со „езерџиите“ домаќините не можеа да сметаат на Ал Хорфорд, но затоа извонреден беше Арон Бејнс, кој со 21 поен го израмни својот личен НБА-рекорд. Отпорот на гостинскиот тим беше скршен уште во втората четвртина кога селтикси дојдоа до „плус дваесет“, па потоа рутински ја одржуваа предноста до самиот крај.

Голден стејт одигра уште еден шампионски меч, декласирајќи го тимот на Минесота со 125-101. Кевин Дурант поради ситна повреда го следеше овој меч од клупата, но затоа во ритам влезе Клеј Томпсон, кој беше најефикасен со 28 поени, пред Стеф Кари со 22 поени. Минесота влезе во овој меч со серија од пет победи, што сепак не успеа да ја продолжи на гостувањето против актуелните прваци. Вигинс со 17 и Таунс со 16 поени и 12 скокови беа најзабележителни кај гостинската екипа.

Резултати НБА:

Детроит – Индијана 114-97, Орландо – Њујорк 112-99, Бостон – ЛА лејкерс 107-96, Феникс – Мајами 115-126, Голден стејт – Минесота 125-101.

Се вчитува...