Браво Македонија: И без блесок до победа во Астана, за успешен јунски циклус! (ВИДЕО)

Македонија не блескаше, но успеа да дојде до голем триумф на тешкото гостување кај Казахстан. На Астана Арена, на незгодната вештачка трева македонската репрезентација оствари минимална победа со 0-1, остварена и со многу среќа, со оглед дека Казахстан трипати ја погоди рамката од голот. Тешко одеше во организацијата на нападите, во средниот ред премногу грешки, но и повремено паника во одбраната. Сепак, на крајот треба да се бројат бодовите, а тие се осум досега, и прво место во групата на патот кон Светското првенство. Човек на одлука беше Александар Трајковски, благодарение на неговиот гол постигнат со многу искуство, а исто така треба да се напомене и Димитриевски кој имаше добри одбрани, како и другите играчи кои го издржаа силниот притисок на Казахстан, и не дозволија да се испушти победата.

Македонската репрезентација слабо се снаоѓаше на почетокот на мечот на Астана Арена. Казахстанците лесно стигнуваа до шанса, особено преку нивната лева страна, а нашата десна. Проблем беше и организацијата на играта и грешките во средниот ред, но за среќа не беше сето тоа казнето.

Фото: Facebook/Фудбалска репрезентација на Македонија

Првата голема шанса ја имаше Кенжебек кој ја погоди стативата од голот на Димитриевски. Тагиберген потоа се закани во 26. минута, но Димитриевски одбрани, а потоа следуваше и обидот на Самородов. И кога проблемите не престануваа, Македонија по првата сериозна закана стигна до водство.

Топка до Миовски кој беше опколен од неколку Казахстанци, изблокиран, па топката стигна до Трајковски кој маестрално, со волеј успеа да ја упати во долниот лев агол од голот на немоќниот Сејсен.

И после водството, проблемите на Македонија продолжија во организација на играта, а проблем создавше и агресивната игра на домаќините. Но, некако успеа Македонија да се одбрани и на полувреме да замине со предност.

На стартот од вториот дел неколку измени во македонскиот национален тим, за да се стабилизира играта, со оглед дека Казахастан нападна да израмнува. Беше опасно во 58. минута кога Самородов со удар од 25 метри ја погоди само пречката.

Казахстан нападна уште посилно да дојде до гол, шутираше силно Алип, ама Димитриевски одбрани. Потоа беше мирно се до 85. минута од средбата, кога Сатпајев уште еднаш стрелаше во рамката од голот, овојпат во стативата, трета во овој натпревар.

Притисокот беше уште пожесток во финишот, во деветте минути продолжение кои беа покажани поради честите прекини.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2026, 4. КОЛО

КАЗАХСТАН – МАКЕДОНИЈА       0-1 (0-1)

Стадион: Астана Арена во Астана. Гледачи: 18.000.

Судија: Глова (Словачка)

Стрелец: Трајковски 33’

Ж. Картони: Малиј, Куат (К) – Муслиу, Деспотовски (М).

КАЗАХСТАН: Сејсен, Астано, Бистров (81’ Мукхамед), Малиј, Алип, Вороговскиј, Чешноков, Куат, Тагуберген, Кенжебек (59’ Сатпаев), Самородов.

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Деспотовски, Зајков, Муслиу, Алиоски, Костадинов (53’ Елези), Барди, Елмас (67’ Ашковски), Чурлинов (53’ Митровски), Трајковски (83’ Атанасов), Миовски (67’ Ристовски).

 

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...