Бредли: Мора да бидеме внимателни, Шкупи и во Даблин покажа дека е незгоден тим

Менаџерот на Шамрок Роверс, Стивен Бредли, вели дека сите во неговиот тим мора да бидат максимално внимателни пред утрешниот реванш-натпревар од 3. квалификациско коло во Лигата на Европа со Шкупи во Скопје.

Шамрок има предност од 3-1 од првиот меч во Даблин, но тоа, според Бредли, воопшто не гарантира пласман во плеј-офот од квалификациите во Лигата на Европа ако во Скопје се потцени Шкупи.

„Секако за нас е добро што ја имаме таа предност од два гола. Но, да бидеме реални тоа апсолутно ништо не ни гарантира. Мислам дека одигравме натпревар со различни периоди на квалитет во Даблин, а Шкупи покажа дека може да биде незгоден на терен. Затоа мора максимално да бидеме внимателни на утрешниот натпревар во Скопје. Ништо не е завршено, и треба и утре да му пристапиме на мечот како да немаме предност и со желба за победа“ – истакна Бредли на средбата со медиумите и дополни:

„Очекувам Шкупи да нападне. Покажаа во второто полувреме во Даблин дека може да бидат опасни и сигурно ќе атакуваат на нашиот гол, што од друга страна ни дава нас шанса за повеќе игра, отворено и со контранапади“.

Натпреварот меѓу Шкупи и ирскиот Шамрок Роверс се игра утре од 21 часот на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Се вчитува...