Бројките говорат се: Македонија е прва на ЕП… по бројот на загубени топки

ЕКИПА во Берлин,

Стеван Цаневски

Македонската репрезентација со два пораза го почна настапот на ЕП 2024, откако нашите ракометари загубија најпрвин од Франција со 29-39, а потоа и од Германија со 25-34.

Конечните исходи се можеби и очекувани, но не и дел од почетничките грешки што беа правени од страна на нашите репрезентативци на дуелите со големите фаворити.

Иако значаен дел од натпреварите ги игравме „седум на шест“ во нападот со што би требало да се лимитираат техничките грешки, статистичките показатели се поразителни за нашиот стручен штаб и ракометарите – Македонија е убедливо прва во најнепопуларната категорија на големите натпреварувања – број на загубени топки.

Според официјалната статистика, Македонија на две средби има неверојатни 46 загубени топки (просек од 23 по натпревар). Само за споредба, Грузија како дебитант на ЕП има вкупно 37 загубени топки на своите први две средби во историјата на европските шампионати, додека Грција а трета на оваа листа со 28…

Од индивидуалната статистика, Жарко Пешевски е наш најдобар стрелец со 11 погодоци, со што искусниот пивот е на делба на 14. место на листата на нај-стрелци на шампионатот, заедно со Црногорецот Борозан, Данецот Дамгард и Португалецот Кошта. Пешевски е импресивен и според процентот на шут, ако се знае дека на ова ЕП има само едно промашување (11/12), своите удари реализирајќи ги со извонредни 91,7% на успешност.

Филип Кузмановски е на делба на петтата позиција на листата на најдобри асистенти, со 11 асистенции на две средби, колку што имаат и Стајнс и Бајенс (Холандија), Клар (Шведска) и Хутецек (Австрија).

Петар Атанасијевиќ се наоѓа на шестото место во рангирањето за најбрз спринт, за трчањето со брзина од 30,02 км на час на еден од претходните натпревари.

Се вчитува...