„Бунт“ во Барселона: Меси и соиграчите не го сакаат Гризман

Антоан Гризман се наоѓа пред потпис со Барселона откако вчера и Томас Тухел јасно стави до знаење дека ПСЖ воопшто нема да испраќа понуда за фудбалерот на Атлетико Мадрид. Францускиот голгетер треба да биде големо засилување за каталонскиот гигант, но има еден проблем – Лионел Меси и останатите фудбалери на Барса не сакаат да го видат Гризман во дресот на Барселона. Ова го тврди каталонскиот весник „Спорт“ повикувајќи се на извори од самите фудбалери, кои испратиле јасна порака и до управата на оваа тема.

Весникот ја наведува и причината за ваквиот став на фудбалерите на Барса – ланскиот однос на Гризман, кој минатото лето ја изигра Барселона, договарајќи го трансферот од соништата, а потоа во „пет до дванаесет“ менувајќи ја одлуката и останувајќи во Атлетико Мадрид. Со тоа беа нарушени сите трансфер-планови на Барса, која на крајот го ангажираше Малком од Бордо и тотално ја утна работата.

Тешко е за верување дека пораката од фудбалерите ќе го промени ставот на управата, која е решена да плати 120 милиони за да го доведе Гризман на „Камп ноу“. Од друга страна, влегувањето во конфликт со Меси никогаш не е паметна работа бидејќи ако тој не е среќен, тоа редовно се одразува врз игрите и резултатите на целиот тим.

Се вчитува...