Бутел испиша историја: Во деби-сезоната веднаш до билет за Европа

Екипата на Бутел триумфираше во денешниот дуел со Металург (30-25), остварувајќи фантастичен успех со пласманот на четвртото место кој значи и учество во европските купови за наредната натпреварувачка сезона. Амбициозниот скопски клуб сезонава дебитираше во елитното друштво на мак-ракометот и веднаш остави силен белег, стигнувајќи до извонреден пласман како мотив за уште подобри резултати во иднина.

Металург беше подобар пред крајот на полувремето и замина на одмор со водство од 9-12, но тоа беше се што гостите успеаја да сторат. Во вториот дел можеше да се проследи целосна доминација на ракометарите на Бутел, кои предводени од одличниот Мајиќ направија целосен пресврт, па на крајот триумфираа со убедливи 30-25.

Мирко Мајиќ со 11 гола (осум од нив во второто полувреме) беше клучна фигура на овој натпревар, седум за Бутел постигна Печенковски, додека во таборот на Металург најефикасен при денешниот пораз беше Млаедновиќ со четири погодоци.

Бутел има шест бода во плејофот, но и подобар меѓусебен скор од Пелистер и од Тинекс Пролет, со што тимот на Игор Котевски на едно коло до крајот на сезоната е сигурен на четвртото место на табелата, зад Вардар, Работник и Металург.

Се вчитува...