Чаирчани и контра традицијата: Шкупи и Седлоски го бркаат првиот гостински триумф во Европа

Шкупи вечерва ќе мора да брка победа во дуелот со Балкани во Приштина, ако сака да го продолжи сонот за пласман во групната фаза во Лигата на Конференции. Но, ако се оди според традицијата, тоа ќе биде тешка мисија за чаирчани, особено ако се има во предвид дека Шкупи нема ниту еден гостински триумф во Европа.

Чаирскиот тим под називот „Шкупи“ одиграл досега осум европски мечеви надвор од Скопје, и има скор од пет порази и три „ремија“. Беа поразени од Ренџерс, Нефчи, Санта Клара, Линколн и Шамрок, а одиграа нерешено со Пјуник, Лапи и Динамо Загреб. Исто така традицијата вели дека во секој натпревар Шкупи прима барем по еден гол, а најчесто по два и повеќе.

Не е ништо подобра ситуацијата ниту со „поранешниот Шкупи“, тимот на Слога Југомагнат од кој практично произлезе сегашниот чаирски тим. Ниту Слога не знаеше за триумф на  гостински терен. Таму ситуацијата беше уште полоша, па тогашна Слога од Чаир на девет меча забележа седум порази и две „ремија“.

Интересно е што тренерот и Гоце Седлоски во клубовите каде што бил тренер, нема триумф на гостински терен во Европа кога се во прашање натпреварите во сениорска конкуренција. Водејќи го Хоризонт Турново беше поразен од Чикура со 3-1, а потоа и на чело на Вардар, загуби на гости кај Динамо Загреб 3-2 во 2016 година, а во 2017 година со Малме одигра 1-1, следуваше пораз од Копенхаген 4-1. Како тренер на Широки Бријег, беше поразен од Каират во Лигата на Европа со 1-2 на гостински терен и елиминиран од Европа.

Ланската сезона Шкупи со Седлоски на клупата, одигра со Лапи 2-2, а беше поразен од Санта Клара, и сега во европската „авантура“ пораз од Линколн, реми со Динамо Загреб и пораз од Шамрок.

Кога е во прашање Балкани, традицијата вели дека тие, пак, немаат пораз на домашен терен во европските натпревари. Единствени меѓународни мечеви ги одиграле годинава, и тоа на домашен терен на трите меча има две победи (над Клаксвик и Ла Фиорита) и „реми“ со Жалгирис.

Се вчитува...