Чави: Ова се тешки денови за Барса

Тренерот на Барселона, Чави вели дека неговиот тим не можел да му парира на Атлетик Билбао, кој играше со поголем интензитет и дојде до триумф за пласман во четвртфиналето на Купот на кралот. Барса загуби на „Сан Мамеш“ по продолженијата со 3-2 (2:2) и остана без шанса да го одбрани трофејот во натпреварувањето.

Чави не штедеше комплименти за противникот, па во неколку наврати потенцираше дека Атлетик одиграл одлично на секое поле од теренот.

„Не ни овозможија да напредуваме во играта, тие се бранеа со голем интензитет и не можевме да им парираме. Видов многу силен Атлетик. Голот на Педри ни донесе продолженија, но загубивме. Играа со поголем интензитет од нас, освојувајќи многу топки на средината. Тешко е да се игра среде ваков стадион со ваква публика“, изјави Чави.

Тренерот на Барса потенцираше дека и покрај поразот на неговиот тим е задоволен од своите фудбалери и нивниот пристап кон играта. Сепак, истакна дека Барса треба допрва да прогресира доколку сака нови титули.

„Направивме добри работи на противничката половина, можеби недоволно, но мора да продолжиме да работиме за да бидеме подобри. Феран Торес покажа дека нападот може да биде ефикасен. Не ми се допаѓа зборот – неуспех. Но, ако е така, овој натпревар нека биде наша лекција. Позитивно е тоа што се боревме до крај“, заклучи Чави.

Барселона пропушти уште една шанса заа освојвуање на трофеј. Титулата не се ни споменува во Ла Лига, бидејќи Каталонците заостануваат 17 бода зад Реал, па единствена преостаната шанса за пехарот е Лигата на Европа. Тимот на Чави го чека дуел со Наполи во првата нокаут рунда од ЛЕ.

Се вчитува...