Чави: Предност ми е што ги знам Пике, Бускетс… но кај мене ќе нема „попуст“ за никого

Чави Хернандез од денеска и официјално е нов тренер на Барселона, откако долгогодишниот капитен се врати назад од Катар во клубот на својата младост, прифаќајќи го тешкиот предизвик да ја врати Барса на врвот на шпанскиот фудбал.

Откако двапати претходно не постигнуваше договор со управата на клубот, Чави овојпат лесно се договори со Жоан Лапорта, да биде наследник на Роналд Куман на кормилото на каталонскиот гигант.

„Подготвен сум, цел живот сум посакувал предизвици во кариерата, ова е голем предизвик за мене, но верувам дека ќе одговорам максимално. Голема благодарност до навивачите за поддршката што ми ја даваат, што ја чувствував во последните десетина дена. Се надевам дека ќе им возвратам на најдобар начин, дека сите заедно ќе уживаме и ќе победуваме. Процесот е долг, но очекувам во првата година да покажеме значителни знаци на напредок“, изјави Чави.

Тој сега ќе има нова улога, да биде тренер на фудбалерите со кои со пред неколку години беше соиграч.

„За мене е предност што ќе ги имам Бускетс, Пике, Алба, Тер Штеген и Серџи Роберто, кои ми беа соиграчи. На тоа гледам како на предност, бидејќи ги познавам и како играчи и како луѓе. Сепак, тие добро знаат дека кај мене ќе нема попуст за ниту еден играч, без разлика дали и колку сум бил близок со нив во минатото. Во овој тим на Барселона има голем талент. Јас доаѓам за да го пренесам искуството врз играчите, бидејќи знам како се освојуваат трофеи“, порача новиот тренер на Барса.

Се вчитува...