Челси нуди размена – Батшуаи за Пулишиќ

Мичу Батшуаи би можел да се врати назад во Борусија Дортмунд, откако „милионерите“ почнаа преговори со Челси за целосно откупување на договорот на белгискиот интернационалец. Белгиецот пристигна на позајмица во јануарскиот преоден рок и постигна неколку клучни погодоци за тимот од Дортмунд, но пред два месеци заработи тешка повреда поради која го пропушти финишот од сезоната.

Во ситуација кога останаа без Обамејанг челниците на Борусија Дортмунд сакаат да го ангажираат Батшуаи за нов лидер на својот напад за годините што следат, но за реализација на овој трансфер најверојатно ќе треба да се откажат од Кристијан Пулишиќ. Американскиот крилен офанзивец се наоѓа на листата со желби на неколку премиерлигаши, но Челси сака да го искористи интересот на Борусија за Батшуаи, за во директна размена да го донесе Пулишиќ на „Стемфорд бриџ“.

Новиот тренер Сари дал зелено светло за да се интензивираат преговорите за брзоногиот офанзивен фудбалер, кој би бил долгорочна замена за Еден Азар, за кого секое лето се шпекулира дека ќе си замине од Челси.

Се вчитува...