Ливерпул е првиот финалист во Лигата на шампионите откако тимот на Јирген Клоп со неверојатен пресврт ја надополни негативата од 3-0 од првиот меч, па вечерва ја декласираше Барселона со 4-0. Салах и Фирмино не беа во тимот, но и без двајцата клучни напаѓачи „црвените“ стигнаа до посакуваниот триумф, за тотална еуфорија на „Енфилд роуд“. Барса повторно е во шок, откако исто како и лани каталонците прокоцкаа предност од три гола во двомечот со Рома.
Ливерпул тргна офанзивно буквално од првиот судиски свиреж, а таквиот пристап им вроди со плод на избраниците на Јирген Клоп веќе во седмата минута. Алба лошо интервенираше по една долга топка, Хендерсон влезе во шеснаесетникот и шутираше, таа се одби до Ориги, а Белгиецот во вистински момент го постигна својот прв гол во кариерата во Лигата на шампионите. Судијата Чакир не досуди пенал за старт врз Мане веднаш по погодокот, за десетина минути подоцна Барселона целосно да ја консолидира својата игра. Каталонците можат да жалат за неколкуте пропуштени шанси во првиот дел, пред се оние на Алба и на Меси, кога од одлични ситуации не успеаја да ја сместаттопката во мрежата на одличниот Алисон Бекер.
Казната стигна во второто полувреме, а херој на Ливерпул беше играчот што беше најкритикуван на првата средба, Џини Вајналдум. Холанѓанецот влезе во игра на паузата на местото на повредениот Робертсон (Милнер се пресели на лев бек), па потоа во рок од три минути постигна два погодоци, во 54. минута со нога на додавање на Александер Арнолд и вo 56. минута со глава по центаршутот на Шаќири.
Страстите на теренот се смирија дваесетина минути, а потоа во 79. минута – ерупција на „Енфилд“. Младиот Александер Арнолд ја надмудри целата екипа на Барселона, забележа дека по изнудениот корнер одбраната не е наместена, веднаш го проигра во празно Ориги, кој од пет метри зголеми на 4-0. Барса тргна во офанзива во самиот финиш, но Ливерпул не им дозволи на каталонците да создадат ниту една единствена шанса, заслужено визирајќи го свето второ финале во серија во Лигата на шампионите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА