Зеленортските острови покажуваат зошто се најпријатното изненадување на овој мундијал откако во првиот нокаут меч во својата историја играат 1-1 против актуелниот светски првак Аргентина, дуел од 1/16 финалето на кој ќе мора се играат и дополнителни 30 минути. Аргентина делуваше сигурно, водеше со 1-0 по првиот дел предводена од Лео Меси, но африканските фудбалери покажаа карактер и успеаја да стигнат до израмнување, за во финишот голманот Возиња да ги запре „гаучосите“ и да го одведе овој меч во продолженија.
Oд самиот почеток стана јасно дека Аргентина нема да тргне во тотална офанзива, туку трпеливо ќе ги гради своите акции. Ова придонесе „гаучосите“ да не создадат премногу шанси, но сепак да поведат со првиот зицер, дело на Лео Меси откако најдобриот фудбалер на сите времиња одлично се снајде по додавањето на Лисандро Мартинез и го совлада Возиња.
Многумина очекуваа со ова да се скрши отпорот на африканската селекција, но се случи спротивното, африканските фудбалери свесни дека немаат што да загубат тргнаа храбро, се почесто се селеа на противничката половина и на крајот успеаја и да го израмнат резултатот во 59. минута преку Дуарте.
Аргентина тргна поофанзивно, но Возиња бранеше извонредно, одбрани зицер на Меси, потоа и слободен удар на Лео, а кога тој не можеше, одлично се снајде дефанзивецот Лопез, кој спречи сигурен гол исфрлајќи во корнер во ситуација кога Енцо Фернандес ја чекаше топката осамен крај втората статива.
Последната стопроцентна шанса ја имаше Меси, од слободен удар од идеална позиција во 95. минута, но Лео не шутираше најдобро, а Возиња по ударот од еден од своите соиграчи сепак успеа да ја спречи топката да не заврши во неговата мрежа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
