Чупино Треил се враќа: На 30 август три планински трки на Плачковица

По една година пауза, Чупино Треил повторно се враќа на планината Плачковица. На 30 август 2026 година, љубителите на планинското трчање повторно ќе имаат можност да бидат дел од настанот кој низ годините прерасна во една од препознатливите треил трки во овој дел од Македонија.

Годинашното издание на Чупино Треил ќе понуди три различни трки, наменети за различни нивоа на подготвеност – од оние кои сакаат пократок планински предизвик, до искусните треил тркачи подготвени за сериозен тест на издржливоста.

Бумбарска е трка во должина од 16 километри со 650 метри позитивна висинска разлика. Таа е одличен избор за тркачи кои сакаат пократка, но динамична планинска трка и можност да го почувствуваат вистинскиот карактер на Плачковица.

Чупино Класик е препознатливата трка на Чупино Треил и годинава ќе се трча на 30 километри со 1.800 метри позитивна висинска разлика. Патеката носи комбинација од сериозни искачувања, спустови и планински терен и претставува вистински тест на физичката и менталната издржливост.

Посебен предизвик годинава е Trinity, трка која ги поврзува трите високи врвови на планината Плачковица, со околу 3.200 метри позитивна висинска разлика. Trinity е наменета за искусни и добро подготвени планински тркачи и претставува еден од најсериозните предизвици на годинашното издание.

Враќањето на Чупино Треил по едногодишната пауза има посебно значење за организаторите, но и за тркачите, волонтерите и поддржувачите кои низ годините беа дел од оваа спортска приказна.

„По една година пауза, со големо задоволство повторно се враќаме на Плачковица. Чупино Треил низ годините изгради своја традиција и заедница. Нашата цел е да продолжиме да го развиваме настанот, да го промовираме планинското трчање и истовремено да ги претставиме природните убавини на Плачковица пред што поголем број натпреварувачи и посетители.“

Покрај спортскиот карактер, Чупино Треил има за цел да придонесе и кон промоција на Плачковица како дестинација за планински спортови, активен туризам и рекреација, како и кон афирмација на целиот регион.

ПРИЈАВУВАЊЕ ДО 23 АВГУСТ

Сите заинтересирани тркачи можат да се пријават за една од трите трки најдоцна до 23 август 2026 година.

Пријавувањето се врши онлајн преку платформата RunnerSpot:

https://runnerspot.com/event/Chupino

ЧУПИНО ТРЕИЛ 2026 | 30 АВГУСТ | ПЛАЧКОВИЦА

Бумбарска – 16 км | 650 D+
Чупино Класик – 30 км | 1.800 D+
Trinity – три високи врвови на Плачковица | 3.200 D+

По една година пауза – повторно се гледаме на Плачковица!

Се вчитува...