Далиќ: Хрватска е силна, не се плаши од никого

Нема многу време за еуфорија во хрватскиот табор, па „коцкестите“ од вечерва почнуваат со подготовки за полуфиналната пресметка со селекцијата на Англија. Според реномето Англичаните важат за фаворити, но Хрватска е решена да оди чекор понапред од 1998 година и да се најде во големото финале.

„Сега почнуваме да се занимаваме со Англија, со добрите страни и слабостите на оваа репрезентација. Штом стигнаа до полуфиналето, сигурно се многу добри, лесно ја добија Шведска и ќе бидат поодморени за дуелот со нас. Како и да е, Хрватска и силна и не се плаши од никого, очекувам да излеземе на терен и да сториме се за да победиме“ – изјави селекторот Златко Далиќ на денешната прес-конференција.

Кормиларот на хрватскиот национален тим смета дека стилот на игра на Англија повеќе им одговора на неговите избраници отколку што тоа беше случај со Данска и со Русија.

„Третото коло со Исланд, потоа и дуелите со Данска и Русија, тоа беа ривали што се максимално затворени и не ти оставаат простор да играш. Англија е поинаков тим, сака да игра фудбал и затоа верувам дека публиката ќе има можност да ужива во квалитетен натпревар“ – истакна Далиќ.

Се вчитува...