Во одличен натпревар од осминафиналето, Хрватска загуби од Португалија со 1-2, во меч во кој во последните моменти од натпреварот неоправдано им беше поништен гол поради офсајд позиција.
По болниот пораз, хрватскиот селектор Златко Далиќ истакна дека може само да им честита на неговите момци.
„Прво, им честитам на Португалија и им посакувам се најдобро во иднина. Планот за првото полувреме беше да ја зачуваме мрежата, иако нашиот одбранбен блок не мораше да стои толку ниско. Успеавме да се одбраниме и не примивме гол. Во второто полувреме навистина го свртевме натпреварот во наша корист и создадовме многу шанси; на крајот, не го заслуживме овој резултат. Можам само да им честитам на момците, но можеби имавме малку среќа на наша страна на претходните две Светски првенства“, рече Далиќ.
Кога беше прашан за одлуките на ВАР и судењето, тренерот беше видливо незадоволен.
„Судењето беше многу лошо. Ниту еден прекршок или прекин не беше во наша корист. Лошо судење, но Хрватска загуби, па немаме многу право да се жалиме. Штета е“, кратко изјави Далиќ.
Далиќ беше прашан и за неговата иднина на чело на хрватската репрезентација, со која заврши втор во Русија 2018 и трет во Катар 2022.
„Она што го постигнавме е неверојатно; имавме незаборавни успеси. Имаше прекрасни моменти, но мислам дека дојде крајот на една ера. Време е за нов почеток. Момците направија чудо двапати, сега не им дозволија“, заклучи Далиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
