Далиќ: Русија да игра колку што ние ќе и дозволиме

Одличните игри на Хрватска во досегашниот дел од шампионатот ги ставаат „коцкестите“ во улога на благ фаворит на дуелот со домаќинот Русија. Селекторот Златко Далиќ вообичаено е претпазлив со коментарите, но овојпат и тој изрази оптимизам дека неговата селекција е подготвена да го мине домаќинот и да се пласира во полуфиналето.

„Не се залажуваме дека Русија е слаб ривал, тие во минатата рунда ја елиминираа силната Шпанија и на сите им докажаа дека знаат како да одиграат на резултат. Од друга страна, на нас е да го наметнеме сопствениот стил на игра, да направиме Русија да игра онолку колку што ние ќе и дозволиме. Тоа е рецептот за победа, ние да го диктираме темпото“ – изјави Далиќ.

Хрватскиот селектор не верува дека атмосферата од трибините ќе има преголемо влијание врз настапот на неговите фудбалери.

„Русија е домаќин и сигурно ќе има голема поддршка од трибините. Сепак, моите фудбалери настапуваат во големи клубови, навикнати се да играат во вжештени атмосфери на гостински терен, така што не верувам дека публиката би можела да ја исфрли од ритам нашата селекција“ – истакнува Златко Далиќ.

Се вчитува...