Дански ракометни владетели – Норвешка капитулираше во Хернинг

Данска е новиот владетел на светскиот ракомет, откако скандинавската селекција славеше во финалето против Норвешка со убедливи 31-22, обедувајќи ја светската и олимписката круна. По досегашните порази на трите мундијалски финалиња, данските ракометари беа решени историјата да не им се повтори, одиграа феноменален натпревар и го турнаа на колена соседот, за само едно полувреме решавајќи ги сите дилеми околу победникот.

Уште од самиот почеток стана јасно дека Данците ќе го диктираат темпото, продолжувајќи со игра во нападот со идентична самодоверба како и при перфектното полуфинално издание со Франција. Промашениот прв пенал на мечот беше лош знак за норвешкиот состав, кој се држеше десетина минути, но потоа секое промашување на Сагосен, Род и соиграчите беше безмилосно казнувано од домаќините.

Берге побара тајмаут при негатива од 5-9, но ситуацијата на теренот воопшто не се промени, бодрени од навивачите данските ракометари лесно ја контролираа предноста, играјќи беспрекорно во нападот, но и благодарение на неколкуте одлични интервенции на Ландин на нивниот гол, до крајот на полувремето кревајќи ја разликата на седум погодоци.

Норвежаните сигурно сонуваа за камбек, но и тие соништа исчезнаа откако Никлас Ландин во првите две минути од второто полувреме нанижа три интервенции. Малото опуштање на данскиот состав во нападот овозможи Норвешка да намали на 21-15, што беше доволен аларм за Јакобсен во 40. минута да побара тајмаут. Лауге погоди од контранапад и ја запре серијата на противникот, две минути подоцна прецизен беше и Хансен, за враќање на удобните „плус осум“.

Магнус Ландин во 47. минута погоди за прво двоцифрено водство на Данска (25-15), по што разликата се движеше околу десет гол, за на крајот ова финале да заврши со убедлива победа на ко-домаќинот од 31-22.

Голманот Ландин беше најзаслужен за овој феноменален триумф на Данците, во фазата на нападот се истакнаа Хансен со седум и Олсен со пет погодоци, додека Магнус Јондал со девет гола беше единствена светла точка во норвешкиот табор на денешното финале.

Се вчитува...