Дарио Ивановски бронзен на Балканското првенство во крос

Најдобриот македонски атлетичар Дарио Ивановски го освои бронзениот медал на 63. Балканско првенство во крос кое се одржа во Беране, Црна Гора.

Ивановски во категоријата млади сениори на патеката од 8 километри, во голема конкуренција, заврши на третото место што е негов втор балкански медал оваа година по среброто на БП во Истанбул во сала.

„На ова Балканско првенство нашата цел беше освојување медал. Во тоа и успеавме а посебен шмек на овој медал му дава и фактот дека Дарио го освои со борба до последниот метар. Овој успех и пласман има посебно значење за нас бидејќи во балканската атлетска асоцијација членуваат моќни атлетски нации како Украина, Романија, Грција, Србија и секој ваков успех е потврда на класата која ја има Дарио. Нашата следна цел е Европското првенство во крос кое ќе се одржи во Лисабон, Португалија на 8. декември“ – вели тренерот на Ивановски, Игор Јакимовски.

Покрај Ивановски на Балканското првенство во Црна Гора настапија и Игор Јакимовски и Маја Рајчина во сениорска конкуренција, Кристијан Стојани и Рената Соколовска во категоријата млади сениори, Мартин Милошевски во јуниори, но завршувајќи со скромни резултати далеку од можноста за медал.

Се вчитува...