Дарио Ивановски вицешампион на Балканското првенство кое се одржа во Бугарија

Во Правец, Бугарија традиционално секоја година на 15 минути пред доаѓањето на Новата година се одржува новогодишната меѓународна улична трка, а оваа година и со предзнакот Балканско првенство на пат.

Најдобриот македонски атлетичар на средни и долги патеки, Дарио Ивановски истрча фантастична трка освојувајќи го сребрениот медал. Тој во голема битка со европскиот медалист Митко Ценов од Бугарија загуби во самиот финиш, но постигна фантастично време на 7 километри од 19.57 минути.

Неговиот тренер Игор Јакимовски, кој исто така е се уште активен во кралицата на спортовите, трчаше на ова првенство и се пласираше на 6. место.

„Презадоволен сум од ова моќно постигнување на Дарио како резултат, но и секако како освојувач на медал на балканските првенства кој е негов трети во изминатите две години. Со полн интензитет продолжуваме со нашите подготовки за новата сезона каде ќе има уште многу моќни резултати од Дарио за потврда на статусот олимписки кандидат за ЛОИ Токио“ – ни изјави Јакимовски.

Се вчитува...