Дарко Глишиќ потпиша за амбициозниот третолигаш Илинден, кој од клупата ќе биде предводен од Горан Симов (ФОТО)

Амбициозниот третолигаш ФК Илинден за новата сезона го ангажираше поранешниот македонски репрезентативец и вардаров фудбалер, Дарко Глишиќ.

Глишиќ е фудбалер со богато домашно и интернационално искуство. Во својата кариера настапувал во Грузија, Бугарија и на Кипар, а има и долгогодишен стаж во нашиот најтрофеен клуб Вардар, како и во неколку прволигашки екипи.

Во ФК Илинден доаѓа од новиот прволигаш Скопје, а со неговото ангажирање е обезбедена левата бековска позиција на тимот, со искусен и квалитетен фудбалер.

Како што е познато, нов шеф на стручниот штаб на Илинден, пак, е трофејниот македонски тренер Горан Симов. Симов во својата кариера ги предводеше екипите на Силекс, Македонија ЃП, Вардар и Борец, а со Силекс и Македонија ЃП го освои и Купот на Македонија.

Горан Симов

Во стручниот штаб на Илинден, како нов тренер на голманите, ќе биде исто така уште еден поранешен македонски репрезентативец Јорде Георгиевски.

Илинден за новата сезона претходно се засили и со Кристијан Чурлинов, Дарио Десниќ, Давид и Кристијан Ристовски, Кристијан Ивановски, Матеј Божиновски, Иван Ташовски, Марио Маркулев…

Ѓорѓи Јовановски, Един Нурединовски… во младинската академија

Ѓорѓи Јовановски

ФК Илинден максимално сериозно ја очекува новата сезона со засилување на тренерскиот кадар со докажани македонски фудбалски имиња. Нов тренер на голманите во младинската академија на ФК Илинден, на сите генерации, ќе биде Ѓорѓи Јовановски, тренер со богато меѓународно искуство и ПРО лиценца, кој беше во стручниот штаб на А-репрезентацијата на Македонија во времето на Благоја Милевски но и тренер кој долги години работеше во Јужна Кореја во најдобрите клубови од оваа земја, ФЦ Сеул и Поханг Стилерс, а потоа и во голем број домашни прволигашки клубови.

Един Нурединовски

Како главен тренер на младинската академија на ФК Илинден, пак, ангажиран е уште еден поранешен македонски репрезентативец, Един Нурединовски. Во својата тренерска кариера претходно работеше во младинската академија на ФК Кул, беше дел од стручниот штаб на првиот тим на ФК Вардар, а има и интернационално искуство како тренер во Саудиска Арабија.

А, координатор на младинската академија е Виктор Кравченко.

Се вчитува...