ДАРКО ПАНЧЕВ: Шпанци – тие ‘некои нови клинци’…, волшебникот Меси и грубите Аргентинци!

Најголемата македонска фудбалска легенда, Дарко Панчев, за читателите на ЕКИПА.МК, ги коментира комплетните настани на најголемиот светски спортски собир – фудбалскиот Мундијал 2026!

Вистински, нескриено, внимание предизвика финалето на Светското првенство 2026 во моментот кога се дознаа финалистите. Затоа што магнетот за секој вљубеник во фудбалот беше фактот дека ќе ги гледаме: Шпанија која демонстрираше убедливо најдобри игри на турнирот и од спротивната страна -Лионел Меси за кого многумина посакуваа да дојде до нова светска титула, за историја! Што значи, одлични предуслови за возбудувања!

Но, за жал, вистинските возбудувања некако како да исчезнаа од две причини. Поради доминацијата на Шпанија, и поради крајно разочарувачкото издание на Аргентина кое веројатно никој не го очекуваше.

Јас лично очекував Шпанија да биде доминантна. Иако, сигурно не до таа мера која беше, бидејќи тим како Аргентина, да не упати ниту еден удар за 90 минути кон противничкиот гол, е нешто навистина неверојатно. Но, Шпанците едноставно играат така, доминираат. Доминираа и на целото светско првенство, играјќи го својот фудбал уште од времето на нивната генерација што беше првиот светски шампион во 2010 година. Едноставно го освојуваат секој фудбалски вљубеник со она што го демонстрираат на терен. Може навивачки да ги сакате, или да ги мразите, но едноставно секој мора да им ја признае фудбалската магија како колектив, како систем.

Аргентина не успеа со својот стил – грубо, нечисто, неспортски да се дојде до целта

Аргентина, пак, како Аргентина. Играат некој свој стил кој мене не ми се допаѓа – грубо, нечисто, не бирајќи средства и надвор од спортската коректност за да дојдат до целта. Но, го имаа ете тој волшебник, Меси, кој е веројатно најдобриот, најголемиот фудбалски волшебник во овие 20 години, и сигурно еден од најголемите во историјата на фудбалот…, после онаа генерација на Пеле со Бразил, и Марадона со Аргентина. Тој многу ѝ помогна на таа репрезентација еднаш да биде светски шампион, да изгуби двапати во финалето. Без него ништо од тоа немаше да биде!

Меси на крајот не можеше да ги сокрие солзите затоа што едноставно те облева чувството дека твојата кариера завршува. Тоа, ми се чини, му претставуваше големо оптоварување. Но, ете, нормално, неговото време полека мора да заврши. Едноставно против природата не се може. Но, секој на оваа планета ќе го памети како еден од најголемите играчи, нема сомнение за тоа.

фото: Facebook/ Selección Española de Fútbol (SeFutbol)

Ќе беше срамота ако Шпанија не дојдеше до титулата!

Сега Шпанците може да уживаат во својата слава. Повеќе од заслужено! Ќе беше огромна штета, па и срамота ако Шпанците не ја освоеја титулата. Тие, ми се чини, ја спасија фудбалската игра на овој светски шампионат кој го пратеа многу контроверзи.

Кога ќе се осврниме генерално, во спортскиот дел за овој Мундијал 2026, не сакам сега да се осврнувам на контроверзните нефудбалски работи, може да кажеме дека ова светско првенство беше и првенство на фудбалски „пензионери“. Како никогаш досега, ми се чини, на еден светски шампионат немало толку многу фудбалери над 35-36 години. Дадоа, секако, колку што може затоа што едноставно не се може против биологијата, притоа само потсетувајќи на некои свои славни минати денови.

Но, наспроти нив, сега Шпанците уште еднаш покажаа дека во фудбалот дојде време за „некои нови клинци“…

Се вчитува...